Skip to main content
Скопје

Откако инспектор во Чаир утврдил нелегален приклучок на водоводна мрежа, сопственикот на зградата му се заканувал – во МВР пријавен случајот за кој зборуваше Арсовска

24/06/2025  14:09

Во дневниот билтен на МВР објавена е информацијата за случајот со зградата во Чаир, од кадешто викендов на социјалните мрежи се вклучи градоначалничката Данела Арсовска и зборуваше за незаконски дејствија.

„На 22.06.2025 околу 11.30 часот во СВР Скопје, Ф.Р., инспектор во град Скопје, пријавил дека на улицта Цветан Димов во Скопје, откако утврдил нелегален приклучок на водоводна мрежа, Б.А.(34) од Скопје му упатувал закани. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.

Градоначалничката Арсовска вчера информираше дека сопственикот на 12-катницата во Чаир, упатил бројни закани по присуството на инспекторите во зградата која имала и див приклучок на електрична енергија.

Арсовска во неделата се вклучи на социјалните мрежи од пред објектот, пришто истакна дека досега се пребројани 61 стан во зградата, сите биле незаконски градени, а постои обид да се легализираат прикажани лажно дека се градени во 2011 со фалсификувана документација. Инспекторите се соочиле со уште една непријатност кога, според зборовите на Арсовска, станарите кои веќе биле вселени во објектот им ги исекле гумите на возилата со нож.