Skip to main content
Македонија

Осветување полициски возила во дворот на МВР предизвика жестока јавна дебата за секуларноста

06/01/2026  22:52

Фотографиите што изминативе денови се појавија на социјалните мрежи отворија силна јавна расправа, откако на нив се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени полициски возила во кругот на Министерството за внатрешни работи, во присуство на полициски службеници.

Дел од јавноста го оправдува настанот, посочувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување возила и дека станува збор за симболичен чин со цел заштита и безбедност. Други, пак, реагираат остро, оценувајќи дека ваквата пракса е спротивна на уставното начело на секуларност и дека државните институции мора да останат верски неутрални.

На социјалните мрежи јавно се огласи и новинарот Фуркан Салиу од „ПорталХ“, кој оцени дека случајот не може да се третира како традиција, туку како сериозно уставно прашање.

„Полицијата во Македонија е мултиетничка и мултирелигиска и мора да им служи на сите граѓани подеднакво. Таа не припаѓа на ниту една вера. Кога една вера добива официјален простор во полицијата, пораката до другите е јасна – дека институцијата има доминантна вера. Ова не е симболика, туку институционализација на религијата и директно кршење на Уставот, кој ја дефинира државата како секуларна“, напиша Салиу.

Случајот повторно ја актуелизира дебатата за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, како и за потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор. Слични реакции имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки и активности за целосно утврдување на сите околности поврзани со настанот.

„Во однос на објавените фотографии, Одделот за внатрешна контрола при МВР спроведува соодветна постапка за утврдување на фактите, по што јавноста ќе биде навремено информирана“, соопштуваат од МВР.