
Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Јавното обвинителство и му одреди мерка притвор на сопругот осомничен за физичко малтретирање и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана Јовановски.
Одлуката ја донел судија на претходна постапка, кој ги прифатил аргументите на обвинителството дека постојат законски основи за изрекување на најстрогата мерка за обезбедување присуство.
Според информациите од Судот, притворот е определен во времетраење од осум дена, што е законски рок со оглед на тоа дека против осомничениот се води скратена постапка за наведените кривични дела.
Судот ја донел оваа одлука поради постоење на реална опасност од бегство, како и поради основан страв дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело.
Со изрекувањето на мерката притвор се обезбедува присуството на осомничениот додека Јавното обвинителство продолжува со собирање на докази со цел целосно расветлување на овој трагичен случај.


