
– Во пожар што избувна рано утрово во Дом за стари лица во предградието на Белград, главниот град на Србија, загинаа осум лица, а седум се повредени, јави српската јавна телевизија РТС.
Министерот за труд, вработување и социјални работи на Србија, Немања Старовиќ, за РТС изјави дека се сомневаат дека пожарот е подметнат.
Пожарот во домот кој се наоѓа во Велики Борк во белградската Општина Бараево е изгаснат со итна реакција на пожарникарите, а потврдено е дека од огнената стихија се спасени 13 лица.
Надлежните рано утрово во 3 часот и 22 минути добиле пријава за пожар во дом за стари лица, а по пристигнувањето на местото на настанот, припадниците на Секторот за вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Србија го затекнале пожарот во распламтена фаза, објавија надлежните.