Skip to main content
Свет

Осум скијачи најдени мртви по лавина во Калифорнија

18/02/2026  21:57

Осум скијачи загинале, а еден сè уште се води како исчезнат откако лавина погоди планинска област во Северна Калифорнија, потврдија властите. Лавината ја погоди областа Касл Пик во Траки, околу 10 милји северно од езерото Тахо, вчера околу 11:30 часот по локално време, објави Скај њуз .

Несреќата се случила кога лавина затрупала група од 15 скијачи кои биле надвор од пистата. Според соопштението од туристичката компанија „Блекберд Маунтин Гајдс“, која го организирала патувањето, групата се враќала од тридневно патување. Властите првично барале девет исчезнати лица , но утрово по локално време, потврдени се осум смртни случаи, додека едно лице сè уште се води како исчезнато.

Шест лица од групата беа спасени, вклучувајќи водич и пет клиенти. Тие успеаја да изградат импровизирано засолниште од церади и да комуницираат со властите преку радио и СМС-пораки. Двајца од спасените лица не беа во можност да одат и беа однесени во болница.

Калифорнија беше погодена од силна бура оваа недела, носејќи обилни врнежи од снег, силни ветрови и грмотевици во планинскиот регион.

Центарот за лавини во Сиера Невада издаде предупредување за централната област Сиера Невада кое стапи на сила вчера во 5 часот наутро по локално време, наведувајќи дека големи лавини сè уште се очекуваат денес. Опасни услови беа создадени од брзото акумулирање на снегот и ветровите со сила на ураган.