
Управата за финансиска полиција ја информира јавноста дека Основниот суд во Прилеп донесе правосилна пресуда против службено лице од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп, за сторено кривично дело Проневера во службата, согласно член 354 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Станува збор за случај во кој, во периодот од август 2024 до април 2025 година, вработен во болницата противправно присвоил средства наплатени од пациенти во вкупен износ од 2.110.640 денари. Обвинетиот иако ги врати средствата, судот ја утврди вината и му изрече условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело.
Овој случај е дел од пошироката истрага на Управата за финансиска полиција, која со месеци го анализираше финансиското работење на прилепската болница и истовремено ја потврдува нашата заложба за борба против корупцијата и злоупотребата на јавни средства.
„Враќањето на парите не ослободува од одговорност, правдата мора да биде еднаква за сите. Оштетувањето на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор е недозволиво и секој обид за прикривање или игнорирање на вакви постапки претставува закана за довербата на граѓаните во институциите“ велат од Финансиска полиција.