Skip to main content
Македонија

Оставка во ССКМ поради сомнеж за злоупотреби – Мукаетова бара институциите да реагираат

16/09/2025  13:48

Пенка Мукаетова денеска објави дека поднесува оставка од функцијата Потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, поради како што вели – противправно спроведени дејствија и нелегитимно избран претседател на организацијата.

„Вчера станавме сведоци на тежок преседан направен од страна на Централниот регистар, со извршен упис на нов претседател на ССКМ, надвор од сите законски процедури и прописи,“ напиша Мукаетова во статус на Фејсбук.

Таа нагласува дека во својата 20-годишна работа и соработка со Централниот регистар никогаш досега не се соочила со ваков случај, оценувајќи ја одлуката како резултат на „сериозни злоупотреби, сомнителни околности, притисоци и очигледен нееднаков третман кон засегнатите страни.“

Мукаетова предупредува дека овој случај претставува „сериозен удар врз довербата на деловната заедница и врз темелите на транспарентност и владеење на правото,“ повикувајќи ги надлежните институции итно да проверат како дошло до овој потег на Централниот регистар и под чии директиви е направен.

„Ако денес може да се прекршат правилата за упис на претседател на Сојузот, утре може да се прекршат и за секој стопанственик, за секоја компанија и за секој граѓанин. Јавноста и членките заслужуваат одговор,“ истакна Мукаетова.