
Рускиот милијардер и основач на Телеграм, Павел Дуров, откри дека има повеќе од 100 деца и планира да го сподели своето богатство со нив. Павел има шест деца со три партнерки и над сто деца родени преку донација на сперма.

40-годишниот милијардер, чие богатство се проценува на 17,1 милијарди долари, во интервју за француското списание „Le Point“ објасни дека планира да го подели своето богатство меѓу повеќе од 100 деца и да не прави никаква разлика меѓу нив.
„Сакам да разјаснам дека не правам разлика меѓу моите деца: има такви што се зачнати природно и такви што се родени преку мои донации на сперма. Сите тие се мои деца и сите ќе имаат исти права“, рече милијардерот кој почна да донира сперма пред 15 години.
Дуров откри дека неодамна напишал тестамент. Во него се наведува дека неговите деца не смеат да пристапат до неговиот имот цели 30 години од датумот на креирање на тестаментот.
Патем, Дуров не е оженет. Во 2017 година, тој се пресели во Обединетите Арапски Емирати и живее во Дубаи, каде што е седиштето на Телеграм.
Да потсетиме дека технолошкиот милијардер беше уапсен во август 2024 година во Париз под обвинение за неадекватно модерирање на содржината на платформата за намалување на криминалните активности. Дуров ги негираше обвиненијата и беше пуштен дома во март 2025 година, но истрагата против него сè уште е во тек.