Skip to main content
Скопје

Османи: Соживотот е срцето на Чаир

02/10/2025  14:47

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, испрати силна порака до политичките опоненти, истакнувајќи дека еден од главните мотиви за неговата директна и бескомпромисна кампања е токму фактот што е независен од било чии влијанија.

„Мене ниту можат, ниту некогаш ќе можат да ме условуваат или да влијаат врз моите ставови. И затоа сум толку гласен”, изјави Османи.

Тој оцени дека токму таа принципиелност го раздвижи Чаир, дека река од луѓе излегоа на улица да испратат порака дека не прифаќаат притисоци, уцени и страв.

„И затоа Чаир се претвори во река пред неколку дена. Кога си во опозиција, луѓето обично се плашат да излезат јавно. Луѓето масовно излегоа за да кажат: вие не можете да не уценувате и да ни се заканувате, и покрај се што се правеше во училиштата, во градинките. Луѓето излегоа и рекоа: сакаат промена овде.

И таа порака треба да ја добие и Мицкоски”, рече Османи.

Во обраќањето до јавноста, Османи истакна дека клучната порака на неговата кампања е достоинство и еднаквост за сите заедници.

„Почитувањето на волјата и достоинството на Албанците овде е неопходно за една стабилна мултиетничка држава”, порача Османи.

Тој информираше дека вчера бил на терен кај македонската заедница во Чаир, со јасна порака дека нема место за поделби и провокации.

„Им реков: не грижете се. Провокациите што ни ги прави премиерот, нема да можат да ги минат границите на Чаир. Овде сите ќе бидеме почитувани, овде сите ќе бидеме еднакви”, рече Османи.

Тој најави конкретни чекори во заштита на правата на сите граѓани на Чаир, особено ако Владата продолжи да урива институционални механизми за етничка рамноправност.

„Ако тој го укине балансерот, јас овде ќе создадам фонд за правична застапеност на заедниците. Ако ми го укине албанскиот јазик, јас овде ќе создадам оддел за јазиците на малцинствата што живеат во општина Чаир. Затоа што соживотот е срцето на Чаир, а јас ќе се грижам за тоа, како што човек се грижи за своето срце”, изјави Османи.