Skip to main content
Скопје

Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

23/08/2025  16:37

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.

„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.

Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.

Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.

Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.

Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.

„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.