Skip to main content
Македонија

Османи: Ако годинава имаме избори, следните четири години може да бидат нашиот прв реформски прозорец кон ЕУ

24/04/2025  21:05

Доколку Северна Македонија годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе го отвориме нашиот прв четиригодишен реформски прозорец кон Европската Унија во последните две децении. Без кампања, без дистракции, само владеење и само испорачување. Ова денеска од Љубљана, на конференција организирана од поранешниот словенечки претседателот Борут Пахор, го порача поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, зборувајќи за ситуацијата во Северна Македонија и нејзините предизвици во пристапниот процес кон ЕУ.

„Така 2025-2029 година може да биде наш пробив за уставни реформи, за напредок во поглавјата, за институционална консолидација. И ова не е само прозорец на можности, туку тоа може да биде нашиот последен прозорец на конвергенција“,рече тој.

Османи потсети дека во последните 20 години, во земјава се одржале 14 изборни процеси, што е по еден на секои 17 месеци. Во периодот помеѓу, рече Османи – парализа, застој и одложувања.

Зборувајќи за пречките на државата на патот кон Европската Унија, Османи се осврна на внатрешни, но и надворешни.

„Од внатрешните, во Северна Македонија се соочуваме со политичка олигархиска оска што не сака да го заврши пристапниот процес во ЕУ, туку да го зароби во постојана јамка. Оска што ја демoнтира самата суштина на Охридскиот мировен договор што ја поткрепуваше меѓуетничката хармонија и кохезија. И како што оваа оска расте, луѓето реагираат, но не со протест, туку со пасоши. Граѓаните стануваат граѓани на ЕУ преку соседите. Не како сон, туку како бегство. И се соочуваме со контрадикција – земја надвор од ЕУ, управувана од сили што ја влечат назад, населена со граѓани на ЕУ што одамна тргнаа напред“рече тој.

Според него, ова не е само демографска криза, туку стратешки апсурд.

Потоа, Османи се осврна на пречките однадвор, односно на односите со Бугарија, за кои рече дека се чувствителни и асиметрични.

„Тие се внатре, ние сме надвор. Тие го држат ветото, ние го држиме товарот на докажување. Но, тука Преговарачката рамка е нашиот штит. Обезбедува дека процесот се води од јасни одредници, а не со политички притисок“рече тој.

Посочи дека единствените формални обврски поврзани со Бугарија се вклучувањето на бугарското малцинство во преамбулата на нашиот Устав и усвојувањето Акциски план за правата на малцинствата.

„Билатералните протоколи за историјата се израз на добра волја, а не инструменти за влијание. Тие припаѓаат на академскиот дијалог, а не на политичкото вето“,рече тој.

На крајот од излагањето, Османи рече дека до крајот на процесот и двете страни треба да се стремат кон заедничка основа, но дека тоа мора да се постигне без историски наметнувања.