
Вечерва се одржа седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која се дискутираше за предлозите за кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. По завршување на седницата, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски излезе пред јавноста и ги соопшти дел од кандидатите.
Но, забележливо изостана едно од најважните имиња – кандидатот за Град Скопје. Оттука, се отвора прашањето: дали кандидатот ќе биде актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, поранешниот градоначалник на Скопје и актуелен директор на ЈПДП, Коце Трајановски, или министерот за локална самоуправа, Златко Перински?
Слично, не беше објавено ниту името за општина Кисела Вода.
„Сѐ уште се водат анкети и анализи – и од Извршниот комитет, но и од ангажирани агенции. Повеќе имиња се тестираат, па наскоро ќе го имаме името за Град Скопје“, изјави Сајкоски.
Очигледно, ВМРО-ДПМНЕ сака да го избере „најдобриот кандидат“ за главниот град, но останува да се види кој ќе ја добие довербата да се бори за Скопје.