
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов.
– Во фокусот на разговорите беше Форумот за културна дипломатија „Форум Скопје“, кој оваа година по четврти пат се одржува во организација на Клубот Скопје. Овој форум се етаблира како силна и релевантна платформа за промоција на културната дипломатија, обединувајќи истакнати личности од областа на културата, дипломатијата и јавниот живот од земјата и од странство. Преку вакви иницијативи се создаваат нови можности за меѓународно вмрежување, размена на идеи и продлабочување на соработката меѓу Град Скопје, други градови и значајни меѓународни партнери, стои во објавата на Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
На средбата, размениле мислења и искуства за актуелните состојби во државата и регионот, при што посебен акцент бил ставен на улогата на културната дипломатија како мост меѓу народите и како важен инструмент за јакнење на меѓународната соработка, дијалогот и заемното разбирање.
– Секогаш е задоволство да се слушнат размислувања и ставови од човек кој со својата работа и ангажман остави длабока и трајна трага во Македонија. Честа беше моја, се вели во објавата на градоначалникот Ѓорѓиевски.
