Skip to main content
Скопје

Орце Ѓорѓиевски најави „генералка“ на Скопје во првите 72 часа од мандатот

20/09/2025  17:41

„Генералка” на Скопје во првите 72 часа од мандатот, најави денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски на промотивниот настан што се одржува во Музејот на современа уметност вети интегриран јавен превоз, еколошки автобуси, целосно реновирање на Универзална сала и киното Милениум, воведување програма Град без депонии и еко бригади. Најави и пошумување на градот, како и 50 мали маалски паркови.

Како што истакна Ѓорѓиевски, најдоброто за Скопје допрва доаѓа.

-Пред нас е нова страница – на создавање вредности. Скопје мора да биде град во кој сите ќе живеат убаво. Ова не е само моја патека, туку на сите нас. Стојам пред вас не како политичар, туку како човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска кон граѓаните, рече Ѓорѓиевски.

Скопје, дополни, мора да биде достоинствен дом на сите граѓани.

Мотото на промотивниот настан е „Прво човек, потоа градоначалник“.