Skip to main content
Скопје

Орце го презема Скопје: Со чистење почнувам од 20:30 вечерва

06/11/2025  13:08

Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го прими уверението за функцијата и веднаш најави дека од вечерва започнува првата голема акција за чистење на главниот град.

„Скопје го менуваме од корен! Уште вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција – во следните 72 часа ќе го исчистиме Скопје, токму како што ветив. А веќе утре почнуваме со темелна реорганизација на јавните претпријатија и нормализирање на состојбите во нив, за градот конечно да функционира како што скопјани заслужуваат,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата и поддршката, нагласувајќи дека денешниот ден означува нов почеток за Скопје.

„Од денес, Скопје испишува нова страница во својата историја. Уверението што го добив е симбол на довербата што ми ја дадоа скопјани, но и обврска да работам одговорно, посветено и со визија. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани – без разлика на партиска, етничка или верска припадност. За мене поделби не постојат. Ќе се водам единствено од идејата за подобра иднина и достоинствен живот за сите. Го имате мојот збор!“, порача Ѓорѓиевски.

Тој најави дека во следните денови ќе започнат и нови проекти за развој на Скопје, меѓу кои инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот и заштитата на животната средина.

„Ќе ја вратиме транспарентноста – Скопје конечно ќе биде отворен град,“ додаде новиот градоначалник.