Skip to main content
Свет

Орбан: Попрво Украина ќе остане без пари, отколку ние без нафта

06/03/2026  10:39

Унгарија ќе ги употреби „сите мерки и средства“ што ѝ се на располагање за да ја принуди Украина да продолжи да испорачува руска нафта, изјави денес премиерот Виктор Орбан.

„Го запревме извозот на дизел во Украина, сè уште го одржуваме извозот на електрична енергија. Ќе ги запреме транзитните пратки што минуваат низ Унгарија, кои се важни за Украина, сè додека не добиеме одобрение од Украина за испораки на нафта“, рече унгарскиот премиер.

Синоќа, украинската влада ја обвини Унгарија дека држи група украински банкарски службеници како „заложници“. Тие транспортирале „35 милиони евра и 9 килограми злато“ низ Унгарија.

Орбан: Нема технички проблеми со Дружба

Орбан повторно го обвини Киев за уцена и рече дека Унгарија ќе ги искористи сите средства што ѝ се на располагање додека не се продолжи со протокот на нафта. Тој рече дека нема технички проблеми со нафтоводот „Дружба“ што би го спречиле преминувањето на пратките со нафта од Русија, кои се од витално значење за Унгарија.

Тој додаде дека одлуката на Украина „да го прекине протокот на руска нафта во Унгарија, на што Унгарија има право“, е политичка. „Имаме договор со Русите, редовно плаќаме, а Украина се обврза со меѓународен договор да дозволи премин на пратките со нафта“, рече тој.

„Ова е однесување на бандити. Тие преземаат меѓународна обврска во меѓународен договор, а потоа не ја почитуваат за да ја уценуваат Унгарија. Она што се случува денес е државен бандитизам и ние мора да најдеме соодветни мерки против него“, рече тој.

Орбан рече дека додека Украинците ја уценуваат Унгарија, тие не можат да очекуваат унгарската влада во Брисел да донесе финансиски одлуки што ја поддржуваат Украина. „Ние нема да го сториме тоа. Додека не се воспостави ред, ќе ги искористиме сите средства што ни стојат на располагање“, рече тој. „Украинците ќе останат без пари побрзо отколку што ние ќе останеме без нафта“, заклучи тој.