
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да стане дел од Советот за мир за Појасот Газа, соопшти унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто. Како што пренесува унгарскиот јавен сервис Hirado.hu, Сијарто изјавил дека поканата се смета за значајно признание за унгарскиот премиер и дека Орбан ќе учествува во работата на телото. Тој додал дека по налог на премиерот, американската администрација веќе е информирана за прифаќањето на поканата.
Сијарто нагласи дека меѓународните мировни иницијативи на Трамп се позитивно оценети и дека американскиот претседател, според него, претставува важна надеж за напредок во мировниот процес. Според унгарската влада, Будимпешта има интерес од стабилизација на Блискиот Исток, бидејќи безбедносните случувања во регионот директно се одразуваат и врз состојбите во Централна Европа. Инаку, Орбан веќе учествуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор одржана на 13 октомври во Шарм ел Шеик, Египет. Советот за мир за Појасот Газа ќе има задача да ја следи втората фаза од планот за прекин на конфликтот во палестинската енклава.

