
По градинките, училиштата, спортските сали, домовите за култура, општините ќе ги проверуваат и објектите за домување дали исполнуваат услови за противпожарна заштита, но и генерално за безбедноста на луѓето. Ова денеска го соопшти претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој најави дека утре ќе се знае каква е безбедносната состојба со објектите од јавен карактер во општините по вонредната контрола која беше спроведена по трагичната несреќа.
Тој рече дека повеќето од општините редовно вршеле контрола, но не сакаше да ги открие општините кои не ја спроведувале редовно таа своја обврска.
„Јас не можам сега да излезам со имиња на општини или со имиња на градоначалници, но ви кажувам дека постојат објективни причини во многу од општините зошто до сега не се вршеле проверки. Јас жалам што не е секаде состојбата проверувана изминатите години и претпоставувам дека има општини, коишто, можеби и од објективни причини не го направиле тоа. Кои се објективните причини и зошто тоа го споменав и на мојата прес-конференција, е делот на недоволно инспекциски служби“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода.
На овие општини како што информираше Ѓорѓиевски ќе им се помогне такашто на располагање ќе им бидат ставени инспекциските служби на поголемите општини се додека тие не си обезбедат своја инспекциска служба.
Ѓорѓиевски најави дека станбените згради се следни за контрола.