
Во текот на 2025 година, Транспаренси Интернешнл – Македонија спроведе пилот-оценување на индексот на транспарентност на локалната самоуправа, според методологија на Transparency International, со цел да се утврди колку општините се транспарентни кон граѓаните, како ги објавуваат информациите за својата работа, колку тие информации се достапни и на кој начин граѓаните можат да пристапат до институциите и услугите што ги нудат општините.
Оценувањето е спроведено преку прашалник составен од 91 прашање, кои опфаќаат повеќе области од работата на локалната самоуправа. Како примерок биле земени најголемите општини по број на жители во секој од планските региони – Аеродром, Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица, Тетово и Штип.
Индексот претставува збир од позитивни бодови добиени преку повеќе индикатори, кои вклучуваат анализа на општинските веб-страници и документи, одговори на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, директен увид во функционирањето на администрацијата и центрите за услуги, како и податоци обезбедени од други надлежни институции.
Највисоко оценета општина е Битола со 67 бодови, по што следуваат Велес со 60, Штип со 55, Струмица со 54, Куманово со 51 бод, Аеродром со 49 и Тетово со 43 бодови. Најслабо оценета е општина Охрид со 39 бодови, додека просечната оцена за сите опфатени општини изнесува 52 бодови.
Во рамки на истражувањето, посебно се анализирани и наодите од целина 4 – слободен пристап до информации од јавен карактер, која оценува дали општините редовно и навремено одговараат на барањата на граѓаните. Оваа целина се мери преку пет индикатори со вкупно седум бодови. И тука, општина Битола е најдобро оценета со максимални седум бодови, додека општините Аеродром и Струмица добиле по шест бодови.
За потребите на оваа анализа, до сите општини биле испратени барања за слободен пристап до информации преку физички лица. Сите општини, освен општина Охрид, навремено одговориле на барањата. Дополнително, од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер биле побарани податоци за евентуални жалби против општините. Кај дел од нив биле утврдени жалби поради игнорирање на барањата, како и неизвршени решенија во текот на 2024 година, поради што тие не биле оценети позитивно.
Иако сите општини имаат објавено информации за поднесување барања за слободен пристап до информации на своите веб-страници, само мал дел од нив обезбедиле вакви информации и директно во услужните центри, што дополнително ја отежнува практичната достапност за граѓаните.
Наодите од индексот укажуваат дека локалните власти сѐ уште не се на задоволително ниво кога станува збор за транспарентноста и отчетноста. Недостасуваат значајни информации на веб-страниците на општините кои би овозможиле јасна слика за тоа како се управува со јавните средства, колку тие придонесуваат за регионалниот развој и дали средствата се насочуваат кон активности што реално го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
Заклучокот е дека се потребни дополнителни и системски напори за унапредување на транспарентноста, навременото информирање и реалниот пристап на граѓаните до институциите и нивните услуги.
