
Од Општина Сопиште денеска до медиумите испратија допис во кој информираат за нередовен јавен превоз во општината. Бараат од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да обезбеди контиуниран и навреме јавен превоз особено на линијата 58.
– Веќе неколку месеци, залудно го известуваме ЈСП Скопје за сериозните проблеми со оваа линија, а недостапен за директна комуникација е и
директорот на претпријатието. Подолг период, јавниот превоз на линија 58 не се одвива по утврдениот возен ред, а речиси секојдневно дел од утврдените поаѓања воопшто и не се реализираат, што ги остава жителите на општина Сопиште без соодветна и навремена врска со градското подрачје. Граѓаните не можат да го планираат патувањето за до работа, училиште, на лекар и слично. Оваа ситуација сериозно го нарушува секојдневието на жителите, кои оправдано реагираат и упатуваат жалби до нас. И покрај нашите постојани апели и напори за средување на состојбата, игнорантското однесување од страна на ЈСП продолжува. За жал, не се преземаат конкретни чекори за подобрување на услугата, а ситуацијата дури продолжува да се влошува, наведуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека навремено и во целост ги имаат подмирено финансиските обврски кон претпријатието. Апелираат до ЈСП и до Град Скопје како основач на ЈСП, да преземат итни мерки за наднимување на проблемот.
– Се надеваме дека во најкраток рок ќе бидат преземени мерки кои ќе го подобрат јавниот превоз и ќе го решат овој секојдневен проблем на нашите жители, велат од Општината