
Општина Кочани објави повик за продажба со јавно наддавање на градежна парцела во непосредна близина на градскиот базен и стадионот „Никола Мантов“, наменета за изградба на бањски, односно спа комплекс.
Целта е да се искористат потенцијалите на геотермалната вода чиј цевковод поминува во непосредна близина на парцелата која е со површина од 12 илјади метри квадратни.
-Комплексот треба да обезбеди физичка релаксација и закрепнување, со оглед што геотермалната вода и хидромасажата помагаат за опуштање на мускулите, побрзо закрепнување од спортски повреди и подобрување на циркулацијата на крвта. Исто така, целта е да се искористат лековитите ефекти во лекување на нервни заболувања, дигестивни проблеми, гинеколошки состојби, егземи и дерматити. Посетата на спа центарот ќе овозможи и намалување на стресот, подобрување на менталната благосостојба и целосна релаксација. Дополнително, може да се привлечат домашни и странски посетители, што ќе го зајакне туризмот во Кочани и ќе создаде нови работни места, истакнува в.д. градоначалникот Венко Крстевски.
Почетната цена на јавното наддавање изнесува 583 денари за квадратен метар, при што заинтересираните треба да достават гаранција. Пријавувањето е до 23 јуни годинава.
Парцелата за спа комплексот е вцртана во деталниот урбанистички план што Општина Кочани го донесе уште пред околу две децении, но досега немаше повик за продажба и објектот не се реализираше во практика.