Skip to main content
Скопје

Општина Кисела Вода денес рушеше дивоградба во населбата „11 Октомври“

25/11/2025  14:45

Денес во населбата „11 Октомври“ во Општина Кисела Вода започна рушење на дивоградба, согласно донесено решение од инспекциските служби. Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“, кој е во стечај и за кој не постои соодветна техничка документација. Исто така, објектот никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.

Општината истакнува дека ќе постапува исклучиво според законот, без двојни стандарди, со цел да се обезбеди правичност и заштита на јавниот интерес. „Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе се залагам институцијата да постапува одговорно и за секој објект каде ќе се утврдат нерегуларности ќе биде издадено решение за отстранување“, истакна раководството на Општината.

Целта е воспоставување ред и правичност, со обезбедување на законско и одговорно постапување при сите случаи на нелегално градење на територијата на Кисела Вода.