Skip to main content
Скопје

Општина Аеродром започна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид

20/02/2025  14:14

Под мотото „Подај рака, допри ме и дознај ја мојата приказна“ Општина Аеродром заедно со државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид, со цел тие да бидат видливи за сите и да се поттикне заедницата да стане поотворена и поинклузивна.

Кампањата стартуваше денеска со работилница во ООУ „Лазо Ангеловски“, на која на интерактивен начин учениците од ова училиште одблиску се запознаа со лицата со оштетен вид и со главните предизвици со кои се соочуваат тие. На работилницата учениците учеа за тоа што претставува оштетувањето на видот и на кој начин учат децата со оштетен вид.

Специјалните едукатори и рехабилитатори објаснија што претставуваат Брајовото писмо и таканаречената шестоточка што им овозможуваат на лицата со оштетен вид да пишуваат и да читаат, а претставија и друг вид аудио и тактилни материјали, како што се говорни книги и програми, тактилни слики и мапи што може да се „гледаат“ со прсти.

Исто така, стана збор и за движењето и ориентацијата на овие лица со помош на белиот стап, а што е уште поважно, научија како правилно да помогнат на другарче со оштетен вид.

Се очекува оваа кампања, која ќе продолжи и во другите основни училишта во Општина Аеродром, да придонесе за доближување до лицата со оштетен вид и нивно полесно соочување со предизвиците со кои се соочуваат тие во своето секојдневие, велат од општината.