Skip to main content
Култура

Оперскиот спектакл „Турандот“ од Џакомо Пучини на 53. Мајски оперски вечери

27/05/2025  07:55

На сцената на Националната опера и балет вечер ќе биде изведено оперското ремек-дело „Турандот“ од Џакомо Пучини како дел од програмата на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режијата, сценографијата и костимографијата се дело на светски реномираниот режисер Џанкарло дел Монако, чие име е синоним за врвни оперски продукции, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор e Јане Бакевски, a хор мајстор: Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи светски познатата сопранистка Вероника Џиоева од Русија, во улогата на Калаф кинескиот тенор, Ѕ-Жао Гуо, улогата на Лиу ќе ја толкува, Биљана Јосифов, улогата на Тимур, Владимир Саздовски. Во останатите улоги ќе настапат: Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансмбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци.

Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии.

-„Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma), посочуваат од Националната опера и балет најавувајќи го операскиот спектакл.