
Судот вчера и пресуди две години условна казна на докторката Мери Пешевска која призна вина во случајот “Онкологија” за несовесно лекување, казна која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново дело. Таа призна вина и се извини на оштетените пациенти, со тоа што посочи дека Васев бил нивен ординациски доктор, но нејзиниот факсимил бил оставен на шалтер и го користеле сите. Нејзиниот печат го користеле специјализанти, но бил нејзин и призна дека е виновна затоа што го дозволила тоа.
Коментарите се измешани и се уште не стивнуваат, а денес во една од онколошките групи за поддршка на социјалните мрежи еден пациент постави прашање дали другите пациенти се уште планираат да се лечат кај оваа докторка.
Одговорите се измешани, некои велат ќе продолжат да се лекуваат кај неа, затоа што не сметаат дека таа направила нешто за да наштети на некој пациент, туку го оставила печатот за пациентите да добијат помош и лекови и кога таа е отсутна, додека други се незадоволни од казната и велат дека на докторката не смее ниту да и се дозволи да лечи пациенти.
Некои од пациентите сметаат дека случајот е политичи мотивиран, додека пак повеќе од нив велат дека ова не е единствен проблем и се жалат за постојаниот недостаток на лекови кои за нив живот значат, па велат наместо да се делат и караат за овој случај, да излезат на протест и да бараат подобра нега, навремени лекови и подобра здравствена услуга.