
Веќе неколку месеци на Клиниката за онкологија недостасуваат тумор-маркери, како и лековите „цисплатин“ и „таксол“, кои се користат во редовната терапија на онколошките пациенти.
Наместо таму, пациентите се праќаат во други лаборатории, како што е Клиничка биохемија, за да ги направат потребните крвни тестови. Дел од нив велат дека биле принудени да платат, бидејќи во упатот не им била внесена соодветната шифра што овозможува бесплатна услуга за онколошки болни.
Министерот за здравство Азир Алиу уверува дека со измена на законските прописи ќе се создаде системско решение за недостигот на реагенси за тумор-маркери.
Од Здружението на пациенти „Хема Онко“ бараат итна измена на Законот за јавни набавки на лекови, со цел да се спречи повторување на ваквите состојби. Според нив, сегашната регулатива овозможува пролонгирани тендерски постапки и административни застои кои создаваат празнини во снабдувањето со неопходни медикаменти.
„Проблемот може да се надмине само со промена на начинот на набавка и обезбедување континуирано снабдување, наместо зависност од тендерски рокови и жалбени постапки,“ порачуваат од здружението.
Министерството за здравство најавува законски измени со кои ќе се воведе нова, пофлексибилна постапка при јавните набавки за лекови и реагенси, со што би се избегнало времето на чекање меѓу две тендерски постапки — период кој често доведува до недостиг на терапија и дијагностички материјали.

