Skip to main content
Македонија

„Оне Македонија телекомуникации“ избрана за трет мобилен оператор во земјава

12/01/2026  15:05

Компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, дел од унгарската групација „Фор-ај-џи“, е избрана за трет мобилен оператор на македонскиот телекомуникациски пазар, информираат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Како што соопштува регулаторот, „Оне Македонија телекомуникации“ била единствената компанија што поднела понуда на јавниот тендер за воведување трет мобилен оператор во земјава.

За да може да започне со работа во наредните десет дена, компанијата треба да го плати еднократниот надомест за користење на три фреквенциски опсези, во вкупна вредност од 8.020.003 евра. Притоа, за одобрението А1 ќе се уплатат 4,2 милиони евра, за Б1 – 1,5 милион евра, додека за Ц1 – 2,32 милиона евра.

По извршената уплата, Агенцијата за електронски комуникации ќе го издаде официјалното одобрение за работа, со што „Оне Македонија телекомуникации“ ќе добие право веднаш да започне со комерцијални активности. До изградба на сопствена мрежна инфраструктура, новиот оператор ќе може да побара пристап и користење на мрежите на постојните мобилни оператори во земјава.