Skip to main content
Македонија

ОН пред историска дебата: Палестина меѓу симболика и реалност

23/09/2025  10:15

Пишува проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Денес, со почеток во 13 часот по средноевропско време, ќе започне 80-тата сесија на годишнава дебата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според достапните информации од медиумите, се очекува покрај Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и претседателката на Генералното собрание, Аналена Баербок, свое обраќање да имаат и американскиот претседател Доналд Трамп, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и францускиот претседател Емануел Макрон.

Во светло на случувањата во Газа, како и новите признавања на Палестина од страна на Велика Британија, а потоа и вчерашните одлуки на Франција, Белгија, Монако, Луксембург, Малта и Андора, кои формално ја признаа палестинската држава во ОН, се очекува бурна и полемична дискусија. Во ова мое писание ќе се обидам да презентирам едно мое лично, се надевам реалистично сценарио, со конкретни можни реакции на САД и на некои други држави на ова заседание.

Но пред да се осврнам на можните реакции, кратко потсетување за досегашниот тек на случувањата. Општо е познато дека САД имаат силни стратешки, воени и економски врски со Израел. Затоа американската позиција со години е цврста и јасна а тоа е дека признавањето на Палестина како независна држава треба да се случи преку директни преговори, а не преку еднострано признавање од други држави.

Сепак, на 21 септември 2025 година, Велика Британија, заедно со Канада, Австралија и Португалија, официјално ја призна Палестина како независна држава. Овој потег претставува значајна геополитичка промена, особено во контекст на традиционалната британска поддршка за Израел. Премиерот Кир Стармер нагласи дека оваа одлука е дел од моралната одговорност на Велика Британија да поддржи мир и стабилност во регионот.

Геополитичкиот контекст и мотивите за оваа одлука се повеќеслојни. Британија ја донесе оваа одлука поради влошената хуманитарна ситуација во Газа и продолженото проширување на израелските населби на Западниот Брег. Премиерот Кир Стармер посочи дека признанието е чекор кон обновување на можноста за дво-државно решение и создавање пат за траен мир. Посебно важно е да се потсети дека во јули 2025 година Велика Британија постави ултиматум до Израел, кој вклучуваше односно бараше моментален прекин на огнот, зголемување на хуманитарната помош за Газа, запирање на плановите за анексија и обнова на мирниот процес. Отсуството на напредок во овие области доведе до формално признавање на Палестина.

Одлуката на Велика Британија може да се толкува како сигнал за независност во надворешната политика и намера за балансирање на односите во Блискиот Исток, односно нејзина активна улога во обликувањето на идниот мир на овој простор. Иако ова признание е симболично, тоа може да има значајни дипломатски последици и да влијае врз идниот развој на конфликтот.

Каква ќе биде денешната реакција на САД и на другите големи држави?

На денешното заседание на ОН, реакцијата на Доналд Трамп по повод признавањето на Палестина од страна на сојузници на САД може да се движи во три насоки. Прво, во конфронтативен тон Трамп би можел да ја осуди одлуката како „награда за тероризмот“, обвинувајќи ги сојузниците дека ги поткопуваат напорите за мир и го легитимираат Хамас. Второ, со поумерен дипломатски пристап тој би изразил загриженост, но без да ги наруши односите со сојузниците, нагласувајќи дека е потребна поголема претпазливост и условеност при такви признавања. И трето, најмалку веројатно сценарио, компромисен пристап: Трамп би можел да признае дека меѓународната поддршка за палестинската државност може да има смисла, но само ако е дел од поширока стратегија за траен мир, безбедност и политички реформи.

Можно е Стејт департментот на САД да издаде внимателно формулирана изјава: поддршка за дво-државно решение, осуда на едностраното признавање на Палестина без претходни преговори, како и потсетување дека безбедноста на Израел е стратешки приоритет. Тонот би бил воздржан и дипломатски, без директна критика кон Велика Британија, но со јасно сигнализирање дека Вашингтон не ги поддржува овие чекори. Зад кулисите, пак, можно е силен дипломатски притисок од страна на САД врз државите кои ја признаа Палестина, со цел да се одложат дополнителни еднострани чекори и да се минимизира ефектот на признавањето на меѓународната сцена.

Со оглед на тоа, САД ќе гласаат против секоја резолуција за полноправно членство на Палестина, со аргумент дека тоа не е резултат на претходно воден мировен процес и заедничка согласност на Израел и Палестина. Можно е исто така да се обидат да формираат коалиција со други про-израелски или западни земји за да го блокираат прифаќањето на такви резолуции.

Другите држави и групи во Обединетите нации имаат различни позиции околу прашањето за Палестина, во зависност од нивните интереси и сојузништва: Германија најверојатно би останала воздржана, балансирајќи меѓу блискоста со Израел и поддршката за меѓународното право; Ставот на Русија засега е дискутабилен и нецелосно предвидлив поради повеќе причини, па можно е да гласа ‘за’ или, во најмала рака, воздржано. Москва традиционално ја поддржува палестинската кауза, користејќи ја темата за критика на ‘двојните аршини’ на Западот и за зацврстување на врските со арапските и глобалните јужни земји. Сепак, поради стабилните односи со Израел, особено на безбедносен план, Русија внимателно го балансира својот пристап и избегнува потези што би довеле до директна конфронтација со Тел Авив; Кина речиси сигурно би гласала „за“, како дел од својата политика на поддршка за Палестина и спротивставување на САД; Арапската лига генерално би настапила унифицирано „за“, и покрај внатрешните разлики; Индија најверојатно би била воздржана, балансирајќи меѓу новите односи со Израел и традиционалните врски со арапските земји. Од другите големи земји, Бразил веројатно ќе гласа „за“, Јужноафриканската Република сигурно „за“, Индонезија цврсто „за“, Нигерија веројатно воздржана, а Турција силно „за“, и покрај тактичките односи со Израел.

Палестина најверојатно ќе добие широка, но претежно симболична поддршка на Генералното собрание, што ќе покаже колку меѓународната јавност е наклонета кон признавањето на нејзината државност. Сепак, без американска согласност и поддршка во Советот за безбедност, шансите за полноправно членство во Обединетите нации остануваат минимални. Оваа реалност уште еднаш ја потврдува централната улога на Вашингтон во блискоисточната политика и ја истакнува поделбата меѓу глобалниот Југ и западните сојузници. Во меѓувреме, другите горливи теми како војната во Украина и енергетската безбедност најверојатно ќе останат на маргините на оваа сесија, засенети од прашањето за Палестина кое ја преокупира светската дипломатска агенда.