Skip to main content
Балкан

ОН ѝ дава на Бугарија шест месеци да им овозможи на Македонците право на здружување

11/04/2026  13:38

Официјална Софија се најде под силен меѓународен притисок откако Комитетот за човекови права при Обединетите Нации утврди повреда на правото на слобода на здружување во случај поврзан со етнички Македонец и одбивањето за регистрација на македонска организација во Бугарија.

Според ставовите на Комитетот, бугарските судови не дале јасно и конкретно образложение за одбивањето на регистрацијата на здружение за човекови права, и со тоа било повредено правото на слободно здружување.

Телото на ОН побара од Бугарија во рок од 180 дена да преземе мерки за исправка на состојбата, да ги преиспита домашните судски одлуки и да обезбеди соодветна компензација на подносителот на жалбата, вклучително и надомест на правните трошоци.

Во образложението се наведува дека судските одлуки биле оценети како недоволно образложени и претерано формалистички, без да се земат предвид дополнителните аргументи и докази доставени од подносителот на жалбата.

Случајот се однесува на одбивањето за регистрација на невладина организација за заштита на човековите права, по што жалителот се обратил до Комитетот, тврдејќи дека со години постои пракса на одбивање на регистрации на организации поврзани со македонскиот етнички идентитет во Бугарија.

Комитетот за човекови права нагласува дека слободата на здружување е еден од темелите на демократското општество и дека државите имаат обврска да обезбедат јасни и правно издржани одлуки при ограничување на тоа право.