
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ЈП Службен весник на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон подобрување на пристапот до правни информации и унапредување на информирањето во јавен интерес.
Преку оваа соработка, членовите на ЗНМ ќе добијат бесплатен пристап до сите релевантни закони, подзаконски акти и правни документи преку мобилната апликација на ЈП Службен весник на РСМ– овозможувајќи им постојан и лесен пристап, без разлика на времето и местото. Иницијативата има за цел да ја зголеми правната транспарентност и да придонесе за повисок квалитет и професионализам во новинарското известување.
„Новинарите имаат право и обврска да ги информираат граѓаните точно, навремено и со интегритет. Овој меморандум претставува значаен чекор во таа насока, бидејќи пристапот до точни и проверени правни информации и консолидирани законски текстови е суштински за добро информирани граѓани“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Од ЈП Службен весник на Република Северна Македонија истакнуваат дека оваа соработка е пример за функционално партнерство помеѓу институциите и медиумската заедница, во насока на зголемување на транспарентноста и унапредување на демократските процеси во општеството.
„Овој Меморандум е конкретен чекор за поддршка на медиумите во нивната клучна улога – да информираат, анализираат и поставуваат прашања од јавен интерес. Веруваме дека со оваа алатка, новинарите ќе имаат уште посигурна основа за својата работа“, кажа Владимир Кроневски, директор на ЈП Службен весник на РСМ.