Skip to main content
Македонија

ОЈО: Во тек се распити и вештачења за трагедијата во Кочани

01/04/2025  14:23

Тимот јавни обвинители кој ја води истрагата за трагедијата во Кочани континуирано презема низа истражни дејствија за обезбедување докази, информираат денеска од Јавното обвинителство на РСМ. Според обвинителството, досега се осомничени вкупно 34 лица, од кои седум се полициски службеници од СВР Штип и полициската станица во Кочани, а 27 се физички лица. Во истрагата се опфатени и три правни лица.

На сите осомничени им е одреден 30-дневен притвор, а истрагата вклучува распити, анализи и вештачења од голем обем, поврзани со повеќе различни институции.

„Меѓутоа, за да се зачува тајноста на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, Обвинителството не е во можност во моментов да открива повеќе детали за активностите“, велат од Јавното обвинителство.

Обвинителскиот тим што ја води истрагата е составен од 11 јавни обвинители, кои работат на утврдување на фактите и одговорноста за настанот што ја потресе јавноста.