
На 2 и на 3 октовмври (четврток и петок) територијата на нашата Република Македонија ќе биде зафатена од голем влажен и многу поладен воздушен бран кој доаѓа од истокот и од североистокот на Европскиот Континент, односно од Русија. Токму ова ќе услови да имаме обилни врнежи од дожд , засилен ветер од северен правец и исклучително ладно време за самиот почеток на месец октомври. Температурите ќе бидат потпросечни дури и за околу 15 степени, што е премногу и е огромна негативна температурна аномалија.
Поради продорот на овој многу поладен бран на повисоките и на планинските места врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег со што ќе се формира првата снежна покривка за оваа сезона. На планините локално ќе се формира снежна покривка која ќе биде посериозна (над 30 сантиметри снег). Не се исклучува можноста овој многу поладен и влажен бран да го донесе првиот снег за оваа сезона и на помала надморска височина (под 1000 метри) со што појава на снег има услови да има и во дел од повисоките градови особено во западните и во северните предели од нашата Република Македонија.
Температурите во овие два дена ќе бидат исклучително ниски и ќе се искачуваат во интервалот само од 3 до 11 степени. На планинските места очекувам и негативни температури и појава на мраз.