Skip to main content
Балкан

Одземени три пратенички места на грчката партија Спартанци – Парламентот за првпат ќе биде со 297 наместо 300 пратеници

11/06/2025  13:50

Специјалниот Врховен суд на Грција во чија надлежност е и да одлучува за валидноста на парламентарните избори, но и да разрешува пратеник од конкретната функција, донесе одлука, поради изборна измама да им ги одземе пратеничките места на тројца пратеници од малата грчка радикално десничарска партија Спартанци.

Одлуката е поради поврзаноста на тројцата пратеници, меѓу кои и лидерот на партијата, со поранешниот пратеник на неонацистичката Златна зора Илиас Касидиарис.

На изборите во 2023 година Спартанци освоија 4,68 отсто од гласовите и 12 пратенички места, меѓутоа останаа со петмина пратеници, бидејќи останатите седум станаа независни, а со судската одлука, сега ќе останат без тројца со што, согласно грчкиот Устав, не може да продолжи да функционира пратеничката група.

Парламентот пак, ќе биде со 297 наместо со 300 пратеници, а според владиниот портпарол Павлос Маринакис, се намалува и парламентарното мнозинство.

– За прв пат ќе имаме Парламент со 297 членови. Мнозинството се намалува на 149 од 151 пратеник колку што е сега. Одлуката е одлука на судството, а не на Владата. Парламентот, преку законската иницијатива на Владата во изминатите четири години му ја даде оваа можност на судството, рече Маринакис за грчката телевизија Скај.

Според медиумите во Грција во следниот период Парламентот ќе ја разгледа судската одлука и промените што ги носи за парламентрарниот состав.