Skip to main content
Македонија

Одземени дозволи на уште три компании за одгледување канабис

06/03/2026  14:33

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека се одземени лиценците на уште три компании кои одгледуваат канабис за медицински цели, со што вкупниот број на фирми што останаа без дозвола се искачи на девет.

Претходно, на 24 февруари, Владата донесе одлука за одземање на лиценците на шест компании – „Алфа фарм“, „Грин лајф“, „ЦБД мед план“, „Лајф плант“, „Ата фарм“ и „Канабидоис“. Воедно беше најавено дека ќе се спроведат засилени вонредни контроли кај сите правни субјекти кои имаат дозвола за одгледување канабис за медицински цели, при што ќе бидат опфатени вкупно 43 компании.

Контролите се реализираат во координација со повеќе институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и други надлежни органи.

Досега се извршени 23 контроли кај лиценцирани правни субјекти, при што се утврдени повеќе неправилности. Меѓу нив се несоодветно складирање на сувиот цвет од канабис, кој бил затекнат отворен и без соодветно запечатување и чување во пропишаните картонски кутии. Исто така, во дел од компаниите не биле доставени извештаи до Комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет, а недостасувала и документација и договори поврзани со продажбата и трансферот на производот.

Инспекциите утврдиле и несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количини на сув цвет во сеф-собите, како и недоставување известувања за настанати промени во законскиот рок од три дена.

Министерот Алиу најави дека по завршување на контролите кај сите 43 правни лица ќе се пристапи кон подготовка на ново и поцврсто законско решение за одгледување канабис за медицински цели, кое ќе биде усогласено со европските директиви и ќе ги затвори можностите за злоупотреби.

Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и МВР водат истрага дали петте тони марихуана запленети во Србија се поврзани со марихуаната која претходно беше пронајдена во магацините на домашни производители на канабис за медицински цели.

Од Обвинителството на 9 февруари соопштија дека во рамки на поширока акција досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, а активностите се спроведуваат во соработка со МВР и Комисијата за одобрување на одгледување канабис при Министерството за здравство.