Skip to main content
Македонија

Одземен пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски

28/12/2024  18:08

Основното јавно обвинителство има поднесено мерки за претпазливост до кривичниот суд во Скопје против Ј.Д. Денеска попладне обвинителот како и осомничениот Ј.Д. самите пристигнале во судот кај судија на претходна постапка. Се произнеле и осомничениот, и обвинителот по однос на предлогот и судија на претходна постапка го прифатил предлогот за мерка одземање на патна исправа на 30 дена и повремено јавување во судот, информираат од судот за Телма.

Откако одекна во јавноста дека Деспотовски е лишен од слобода тој час поскоро се огласи во медиумите и порача дека стои на располагање и на институциите, а веста за приведувањето е намерна или ненамерна грешка.

Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации, вели Деспотовски.

Засега официјално е дека за Деспотовски има истрага во финансиската полиција, а тоа го потврди и обвинителството кое отворило предмет за евентуално злоупотреби на службената положба од страна на Деспотовски додека директорувал со ТИРЗ зоните.