
Начинот на којшто еден човек оди, може да ги открие неговите или нејзините чувства, откри ново научно истражување во Јапонија. Замавнувањето на рацете и нозете особено е показател за чувствата – поголемото замавнување е поврзано со лутина, додека помалото укажува на страв или тага, објави „Гардијан“.
Истражувачите ги замолија доброволците во испитувањата да ги погодат емоциите на луѓето врз основа на видеоснимки од нивното одење. Мина Вакабајаши од Меѓународниот институт за напредни телекомуникациски истражувања во Кјото, како одговорен научник во истражувањето, појасни дека во експериментот, снимените лица одат додека се присеќаат на настани што им предизвикале лутина, среќа, страв или тага. Видеата покажуваат само движења на телото, без изрази на лицето или други знаци.
Набљудувачите успешно ги идентификувале емоциите.
Во друг експеримент, научниците ги манипулираа видеата за да го зголемат или намалат замавнувањето на рацете и нозете. Испитаниците на тој начин пројавиле поагресивно одење, како при лутина, додека послабите движења се признак на тага или страв.
– Одењето е едно од најпознатите и најдобро практикуваните движења на целото тело, па промените во емоционалната состојба природно влијаат на начинот на којшто одиме, изјави Вакабајаши.
Истражувањето посочува дека толкувањето на емоциите врз основа на движењето може да им помогне на луѓето брзо да ги разберат другите во разни состојби и случувања, дури и на далечина. Научниците, исто така, гледаат потенцијални примени во системи за надзор и преносни уреди што ја следат менталната состојба. Слично истражување во Тексас (САД) покажа дека алгоритмите за машинско учење можат делумно да го предвидат гневот, тагата, радоста и стравот врз основа на одењето.
