Skip to main content
Македонија

Одбраната негира вина за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

10/12/2025  17:13

На судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска одбраната на поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, како и обвинетите поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, ги оспори обвиненијата и негира вина.

Адвокатите нагласија дека обвинението е „изградено врз претпоставки, а не врз докази“, а одговорноста за трагедијата ја носат оние што работеле без лиценца и инспекциските служби, а не административните службеници кои издавале лиценци. Одбраната истакна дека лиценците биле легитимни, а пожарот бил предизвикан од недозволена употреба на пиротехника.

Обвинетиот поранешен директор на ДЗС, Аднан Џаферовски, оцени дека обвинението е „правно погрешно“ и дека нема факти кои го поврзуваат со трагедијата, додека поранешниот директор Шабан Салиу рече дека во ДЗС не пристигнале документи поврзани со кабаре „Пулс“. Судењето продолжува утре со воведни зборови на претставници од Министерството за економија и други обвинети.