Skip to main content
Спорт

Одбојкарите на Струмица елиминирани во Лигата на шампиони

28/10/2025  21:41

Македонскиот првак Струмица загуби вечерва во Букурешт на реваншот натпреварот од воведното коло во Лигата на шампиони со 0:3 (17:25, 17:25, 13:25) од домаќинот Динамо Букурешт и го заврши настапот во европското елитно натпреварување, откако и на првиот натпревар на домашен терен пред недела претрпе пораз без освоен сет.

За одбојкарите на Струмица ова е четврта последователна сезона во најсилното европско клупско натпреварување која ја завршуваат по само два натпревари.

Репрезентативците Кристијан Илиев со 12 и Филип Маџунков со 7 поени беа најефикасни во редовите на Струмица.

Македонскиот шампион настапот на европската сцена ќе го продолжи во ЦЕВ купот, каде во рамките од првото коло ќе се соочи со чешкиот претставник Јихострој Чешке Будејовице.

Првиот меч Струмица ќе го игра на гостински терен на 12 ноември, додека реваншот е една недела подоцна.