Skip to main content
Македонија

Одбележани 83 години од депортацијата на македонските Евреи

11/03/2026  13:38

Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност. Затоа, не смееме да се свртиме од минатото и не смееме да се плашиме од најтемните поглавја од историјата, туку да ги признаеме ужасните извесности, како и празнините, неизвесностите и прашањата што остануваат без јасни одговори до ден денес. Не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи. Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина, беа пораките упатени денеска од поранешниот Монопол во Скопје, каде што беа одбележани 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка. 

Претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви во своето обраќање кажа дека и по 83 години чувството не е поразлично и оти горчината и болката никогаш нема да поминат.

-Пред точно 83 години овде времето запре. Овде исчезна една заедница. 7144 евреи исчезнаа во логорот Треблинка. Исчезнаа Калдерон, Леви, Нахмијас, Камхи, Русо, Садикарио, Мизрахи, Фараџи, Алба, Шами, исчезнаа илјадници наши блиски, наши роднини. Патот кон Треблинка започна овде, во Монопол. Од сточните вагони на БДЖ, натоварени како товар, не како луѓе, без достоинство, без милост, без трошка човечност. Ладнокрвноста со која се организирани овие транспорти останува еден од најстрашните докази за тоа колку брзо државниот апарат на нацистичка Германија, преку своите сателити, бугарските окупатори, може да се претвори во совршена машина на смрт, рече Леви. 

Тој потсети дека 98 проценти од еврејската популација во Македонија беше избришана, и оти тоа е еден од највисоките проценти на уништување во цела окупирана Европа. 

-По Втората светска војна, во 50те, 60те, 70те години, ниту еден здрав ум не можеше да замисли дека ќе дојде време кога некој ќе се обиде да ја искриви историјата на холокаустот. А сепак денес, речиси осум децении по крајот на војната, ние сме сведоци на постојани обиди за глорификација на нацистите и нивните соработници. Се создаваат паралелни наративи, се брише одговорноста, истакна Леви.

Тој нагласи дека не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи, да ги заборават возовите, да не се споменуваат списоците. 

-Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина. Во меморијалниот простор на музејот Треблинка, каде што пепелта на илјадници луѓе измешана со земја и каде се поставени камени обележја со имиња на земјите од каде што биле донесени жртвите, меѓу нив и каменот со натпис Македонија, денес се оспорува тој камен. Се бара негово преименување или отстранување поради политичките спорови и внесување на дневна политика во масовна гробница. Од тука сакам јасно да подвлечам, тој камен не е геополитичка формула, не е дипломатски став, тоа е историја на македонските Евреи. Тоа е историја на Македонија. И затоа, токму денес, во овој момент, во Треблинка, делегација на еврејската заедница и фондот на холокауст предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, полага цвеќе пред тој камен. Не како чин на политика, туку како чин на почит кон 7144 животи што таму немаат гроб освен тој камен, истакна Леви.