
Општина Ѓорче Петров денес одбележа 104 години од убиството на Ѓорче Петров – еден од најзначајните визионери и идеолози на македонското ослободително движење.

На спомен-обележјето посветено на неговото дело и жртва во реонскиот парк се одржа церемонија во негов спомен. Присуствуваа бројни делегации, додека општинската делегација ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски.
Ѓорче Петров не беше само учител и револуционер, истакна во своето обраќање Стојкоски, тој беше визионер кој го замислуваше она што денес го живееме – независна, суверена и самостојна Република Македонија.
-Неговата идеја не замолкна со неговото заминување – таа живее во срцата на народот, во стремежот кон слобода и во се што е искрено, праведно и непокорно – додаде Стојкоски.
Градоначалникот подвлече дека токму низ ликот и делото на Ѓорче Петров, историјата не се сведува само на датуми и настани, туку се врежува преку луѓето кои ја обликувале.
-Ѓорче Петров е совеста на нашата слободарска мислаигордоста на македонскиот дух. Тој беше и ќе остане вечна светлина во македонскиот историски храм – рече Стојкоски.
Во духот на неговите идеали, Општина Ѓорче Петров денес се развива како урбана, хумана и прогресивна заедница, каде што се живее слободно и достоинствено. На свеченоста беше испратена порака дека слободата и независноста кои денес ги уживаме се резултат на жртвите на генерациите пред нас, а одговорноста на денешните и идните генерации е да го продолжат тој пат.
-Ние немаме друга земја. Ова е нашата земја. Да ја чуваме, унапредуваме и браниме со памет, со работа и со љубов – беше пораката со која го заврши Стојкоски своето обраќање пред присутните.