
На Граничниот премин Блаце утринава е лишен од слобода поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој бил баран со меѓународна потерница во рамки на истрага за сериозни кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и организиран криминал.
Според официјалните информации, денеска (23.02.2026) во 06:10 часот, при обид за влез во државата, полициски службеници го привеле 48-годишниот Груби, против кого се води истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со ставовите 3 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик.
Името на Артан Груби, долгогодишен близок соработник на лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешен прв вицепремиер, со години беше поврзувано со врвот на извршната власт, но во последниот период се најде во центарот на низа истраги и обвинувања за корупција и злоупотреби. Роден во Скопје во 1977 година, Груби кариерата ја започнал како новинар, по што дипломирал и магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, а докторирал на Универзитетот во Тирана. Неговата професионална биографија вклучува ангажмани во повеќе меѓународни организации, меѓу кои Catholic Relief Services за време на Косовската војна, оперативни задачи во Хашкиот трибунал, како и позиции поврзани со НАТО и амбасадата на Холандија.
Во политиката влезе преку граѓанското движење „Разбуди се“, а пошироката јавност го запозна по настаните на скопското Кале во 2011 година. Набрзо станува шеф на кабинетот на Али Ахмети, потоа пратеник во два мандати, а во 2020 година беше именуван за прв вицепремиер и министер за политички систем, позиција од која важеше за една од највлијателните фигури во тогашната владина коалиција.
Пресвртна точка во неговата кариера се случи на 11 декември 2024 година, кога Стејт департментот на САД го стави на т.н. „црна листа“ поради, како што беше наведено, вмешаност во значајна корупција. Според американските власти, Груби ја злоупотребил својата политичка моќ за влијание врз судски процеси, со цел заштита на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од затворски казни. По оваа одлука, македонските институции отворија поширока истрага, а тој во одреден период беше недостапен за органите на прогонот.
Главниот фокус на истрагата е неговата наводна улога во работењето на Државната лотарија, каде заедно со соработници се сомничи за проневера од околу 8,2 милиони евра. Обвинителството го товари за незаконски тендери поврзани со набавка на ВЛТ апарати вредни околу 12 милиони евра, нелегално издавање лиценци за интернет коцкање, како и спорни закупнини за објект во Визбегово, за кој биле исплатени околу 300.000 евра државни средства.
Од политичар кој со години учествуваше во носењето клучни владини одлуки и претставуваше важна алка во меѓународните контакти на земјата, Артан Груби денес се соочува со сериозни обвиненија кои опфаќаат сомневања за коруптивно влијание врз институциите и злоупотреба на државни средства. Неговото приведување на Граничниот премин Блаце се оценува како значаен пресврт во случајот и почеток на судска постапка што веќе се најавува како еден од најголемите антикорупциски процеси во поновата македонска политичка историја.

