Skip to main content
Македонија

Од утре почнува спортската обнова на кејот – Ѓеорѓиевски и Ристовски со вечерен увид

27/01/2026  23:07

Кејот на реката Вардар од утре започнува да се трансформира во современ спортско рекреативен центар, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи.

Како што информира, вечерва заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, извршиле обиколка на кејот, каде официјално беше потврден почетокот на реконструкцијата на спортските терени. Со проектот е предвидена изградба и целосна обнова на терени за фудбал, одбојка и баскет, како и поставување модерни фитнес зони на отворено, кои ќе бидат достапни за сите генерации.

Реконструкцијата ќе ги опфати и спортските терени во Маџир Маало, кои, според најавите, ќе бидат унапредени и повторно ставени во функција на локалната заедница.

„Спортот е темел на здраво општество. Тој гради дисциплина, самодоверба и заедништво, а младите ги оддалечува од лоши навики. Инвестирањето во спортски терени значи инвестирање во здравјето на граѓаните и во иднината на Скопје“, истакна Ѓеорѓиевски.

Градоначалникот нагласи дека ова е само почеток и дека визијата на градските власти е обезбедување современи и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје, со цел рамномерен развој и еднакви можности за активен живот на сите скопјани.

Тој упати и благодарност до министерот за спорт Борко Ристовски за, како што рече, силната поддршка на проектот.

„Скопје се движи напред, Скопје спортува и Скопје вложува во својата иднина. Најдоброто допрва доаѓа“, порача Ѓеорѓиевски.