
Денеска (23.03.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција и ПС БПС при СВР Велес, на неколку локации во Велес реализираа превентивна активност под мотото „Стави појас“. Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, уште еднаш им беше укажано дека користењето на сигурносни појаси е законска обврска како за возачите така и за патниците во возилата, со цел зголемување на нивната лична безбедност. Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје пак на територија на ПС Кисела Вода спроведоа превентивна активност „Паркирај совесно – паркирај одговорно“, а полициски службеници од ПС БПС Штип во Штип „Не користи мобилен телефон додека возиш“. Целта на овие активности е да се влијае на зголемување на сообраќајната култура и зголемување на нивото на безбедност во сообраќајот. При превентивните активности на возачите им беше поделен и едукативен печатен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност– Скопје.
Отсек за превенција при СВР Куманово пак учествуваше на манифестација во Куманово со првачињата од ООУ „Браќа Миладиновци“, а по повод 21 Март- Денот на пролетта.
Полициски службеници од СВР Штип во Берово и Пехчево спроведоа превентивни активности за спречување на семејно насилство. Во непосредна комуникација со граѓаните, им беа објаснети начините како да се превенира семејното насилство и достапноста на услугите за помош и заштита доколку сепак се жртви на насилство. Беше укажано и за тоа што можат граѓаните да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Од страна на полициските службеници беше потенцирана важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство, а беше поделен и печатен едукативен материјал.
