Skip to main content
Македонија

Од следната година трајно ќе се одземаат возилата на оние што возат безобѕирно, најави Тошковски

11/06/2025  08:33

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, синоќа изјави дека „Сејв сити системот ќе биде во функција од 1.1.2026 година и оние кои што сметаат дека можат да изиграваат нинџи на улиците во Скопје и на улиците низ македонските автопатишта, односно безобѕирно ќе управуваат моторно возило, трајно ќе се одзема возилото и од утредента ќе биде ставено во функција на Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјала, детска градинка Цветче итн.“

Во неговото гостување на МРТВ, Тошковски истакна дека известувањата за сообраќајните прекршоци ќе пристигнуваат на мобилните телефони на граѓаните. Тој објасни дека во случај на помал прекршок, ќе биде потребно само да се уплати парична санкција, додека за посериозни прекршоци ќе се оди на суд, каде може да биде изречена и забрана за управување.

„На мобилен телефон ќе ви стигне порака дека сте направиле прекршок на тој и тој ден, „ве молиме упатете се до Министерството за внатрешни работи доколку сакате да ги добиете доказите или кликнете на веб страницата доколку сакате да ја видите сликата што ја имаме како доказ за вас“. Ќе се процесуира, доколку е мал прекршок ќе треба да се плати парична казна, ако е поголем прекршок ќе се оди на суд со забрана … Ме прашуваат „Ферари ако одземете што ќе направите со него“, велам ќе го дадеме на Детска градинка Цветче да се возат дечињата. Битно е дека ќе го одземеме возилото и тој што ќе управува безобзирно таков тип на моторно возило нема да го има повеќе, па да видиме со новото што ќе го купи пак ќе го прави истото,“ додаде Тошковски.

Во врска со бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, министерот изјави дека „службеното патување на Артан Груби многу долго трае, но се надевам дека еден ден ќе заврши и ќе биде процесуиран од страна на органите на прогон“. За бегствата на екс директорите на ЕСМ и Државна лотарија, Васко Ковачевски и Перпарим Бајрами, тој нагласи дека во иднина ќе има многу повеќе лица кои ќе бидат „кабает пред себе и македонските граѓани дека душмански и без осет го краделе македонскиот народ“.