
Зголемениот метеж на граничните премини во земјава во периодот на одмори ги натера властите да ја прошират соработката со соседите преку моделот „One Stop Shop”. Овој петок се очекува на граничниот премин Табановце-Прешево да почне да функционира интегрираниот граничен систем на Македонија со Србија.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека од 4 јули таму ќе се контролира само влезот на луѓе и стоки во државата.
„Со Србија, официјално ќе го ставиме во функција на крајот од оваа недела, мислам дека во петок договоривме да имаме церемонија на отворање и почеток на функционирање на овој начин на контрола на патници на граница. Сме во фаза на интензивни разговори и со Република Албанија, каде разговараме за два гранични премини, каде сметаме дека ќе се олесни движењето на граѓаните преку границите со новиот начин на контрола на патници таканаречен „One Stop Shop“.“, додаде Панче Тошковски.
Досега, нашата земја овој интегриран граничен систем го има воспоставено со Република Косово на два премини – Блаце и Јажинце, но сè уште не е активиран во Белановце. Тошковски рече дека овој модел во иднина се очекува да се применува и со Албанија. Додека со другите два соседа, кои се членки на ЕУ, Бугарија и Грција, кои се во Шенген зоната, ќе се направи реорганизација на границите за зголемување на лентите од нашата страна.
„Во однос на Република Грција, вчера бев на граничниот премин Богородица, каде што утврдивме дека има услови за подобрување на граничниот надзор од наша страна. Конкретно, можеме да ставиме во функција најмалку уште две ленти за излез со реорганизација, а можеме да ставиме во функција и уште една лента за влез за товарни возила“, вели Панче Тошковски.
Ова беше соопштено по билатералната средба на министерот Тошковски со неговиот литвански колега Владислав Кондратович, кој е во официјална посета на Скопје, каде двајцата министри потпишаа Договор за реадмисија и за меѓудржавна полициска соработка.