Skip to main content
Скопје

Од денеска во Скопје може да се изнајми електричен автомобил – ќе чини 22 денара за километар и 5 денари за минута додека стои

27/05/2025  16:34

Од денес во Скопје може да се изнајми електричен автомобил за 22 денари за километар додека вози и 5 денари за минута додека стои. Словенечката компанија „Авант кар“ ја донесе услугата во Скопје и за почеток стави на располагање 100 електрични автомобили за кои обезбеди посебни паркинзи.

Сефте возење денес промотивно направија министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина, Изет Меџити. Тие пред Владата дојдоа со одделни електрични автомобили, а ги пречека сопственикот на компанијата „Авант кар“, Матеј Чер.

„Се надевам и сигурен сум дека денес направивме мал чекор за одржлива иднина. Ќе бидат зафатени помалку паркинзи, ќе има помалку бучава во Скопје и секако без загадување, а она што е најбитно за сите граѓани е што таа одржлива мобилност ќе донесе корист, односно поевтин превоз и секако подобра средина за идните генерации. Се наплаќа од километар и од минута. Услугата е достапна и за сите фирми, јавни установи и слично“, рече Чер, чии очекувања се проектот да биде прифатен, да се прошири и во други македонски градови и за две-три години од сегашните 100 автомобили во земјата, да бидат донесени 1.000 електрични автомобили за изнајмување.

Министерот Меџити рече дека излегол да го промовира и поддржи проектот оти сите ќе имаат придобивки од него, како што се почист воздух, помала бучава, помалку сообраќај и поспокојна средина во градските јадра.

Министерката Божиновска очекува изнајмувањето електрични автомобили особено да ги привлече младите. Таа очекува да бидат одобрени паркинг-локации за електричните автомобили во близина на универзитетите, а во постапката на одобрување на локациите за паркирање повика да се вклучат повеќе градоначалници.

За изнајмување на електричните автомобили неопходна е апликација на мобилните телефони, која од денес им е достапна на заинтересираните.