Skip to main content
Македонија

Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

04/07/2025  15:57

Министерството за здравство ја информира јавноста дека во согласност со прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025 – 2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули), се активира фаза 3, што ќе трае до 8 јули, вторник.

На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:

– Ослободување од работни обврски бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија);

– Одложување на работниот процес во критичните часови (11 – 17 часот) за работници изложени на директна топлина;

– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;

– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа во согласност со акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;

– Активирање планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат во согласност со интерните протоколи за кризна состојба.

До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.

Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.