Skip to main content
Македонија

Од авионот до системот: Kолку чини неодговорноста?

20/02/2026  09:09

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Дебатата за набавка на нов владин авион започна како конкретно прашање за безбедност и трошоци, но многу брзо прерасна во огледало на еден поширок проблем: начинот на кој се носат одлуките во државата. Поводот можеби е авион, но суштината е системот.

Особено загрижувачка е реториката со која се образложуваат ваквите прашања. Изјавата дека „ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи, а ако се урнеме некаде, тогаш ќе стане јасно“ не е аргумент, туку емоционален апел. Таа можеби ја изразува личната загриженост, но државата не смее да функционира врз основа на страв, туку врз основа на факти, анализи и системски проценки на ризик.

Грижата за животот не е привилегија на премиер или функционер – таа е право на секој граѓанин. Истата логика важи и за секој човек што го изгубил својот живот поради системски пропуст – без разлика дали станува збор за трагедија во здравствен објект или во јавен простор. По секоја трагедија следуваат емоции, но вистинската одговорност се мери во тоа дали системот бил поставен така што ќе го спречи ризикот. Емоцијата доаѓа по настанот; одговорноста мора да постои пред него.

Токму тука е и суштинската алегорија за набавката на авион: во својата суштина, набавката не е директна економска инвестиција. Не го намалува јавниот долг, не ги зголемува платите и не го подобрува непосредно животниот стандард. Нејзиниот ефект е првенствено безбедносен. Но, ако авионскиот ресурс се користи како средство за поефикасно функционирање на државата – побрза институционална комуникација, европски активности, привлекување инвестиции – тогаш може да се смета за оправдан трошок. Во спротивно, останува само фиксно оптоварување на буџетот без мерлив ефект.

Дополнителен аспект што ретко се споменува е интензитетот на користење на ваквите ресурси. Староста на авионот не се мери само во години, туку пред сè во бројот на налетани часови и циклуси на полетување и слетување – тоа е стандардот според кој се оценува неговата реална состојба и економска оправданост. Но уште поважно од техничката старост е економската логика на неговата употреба. Ресурс што се користи ретко, без оглед на неговата техничка исправност, останува скап капацитет со ограничена практична вредност. Во држави со поголема дипломатска и економска активност, ваквите ресурси имаат континуирана функција. Во спротивно, ризикуваат да станат симбол на трошок, наместо инструмент на ефикасност.

Тоа поставува основното прашање: оправданоста на трошокот не се мери со престижот на функцијата, ниту со стравот од пропусти, туку со неговата целисходност и ефект.

Но проблемот не застанува кај авионот. Истата логика важи и за службените автомобили, за картичките што покриваат угостителски услуги, за мобилните телефони на товар на буџетот, за бројните „ситни“ привилегии кои во збир создаваат сериозен финансиски товар. Секој од тие трошоци можеби изгледа оправдан поединечно, но ретко кој е поврзан со јасно мерлив ефект. Уште поретко постои механизам што ја мери неговата реална корист.

Во приватниот сектор, трошокот мора да создаде вредност. Ако не создава – се укинува. Во јавниот сектор, трошокот најчесто продолжува по инерција. Законитоста станува доволна, а економската оправданост се губи од вид.

Тука се отвора и едно посериозно прашање – балансот меѓу реалниот и јавниот сектор. Јавниот сектор не создава нова економска вредност; тој управува со вредноста создадена од реалниот сектор. Кога бројот на вработени, институции и тела расте без пропорционален раст на продуктивноста во економијата, системот станува претоварен. Секој претовар во јавниот сектор значи поголем притисок врз буџетот, повисоки трошоци и помал простор за инвестиции во развој.

Дополнително, најголемиот проблем не е самото трошење, туку отсуството на лична одговорност. Лоша економска одлука ретко има последици за оној што ја донел. Нема финансиска одговорност, нема системска санкција, нема директна врска меѓу резултатот и позицијата. Во таква средина, рационалноста станува прашање на лична совест, а не на институционална обврска.

Државата не може да се управува со импровизација ниту со емоционални изјави. Таа мора да се управува со принципи: пропорционалност на трошокот, мерливост на ефектот, баланс меѓу јавниот и реалниот сектор и јасна одговорност за донесените одлуки.

Од авионот до системот, прашањето е исто: колку чини неодговорноста?

Не само во пари.  Туку во доверба, во стабилност и во иднина.

Државата не е автосалон ниту хангар. Таа е обврска  кон секој граѓанин подеднакво.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.