
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип денеска спроведе увид во Вишото јавно обвинителство во Скопје, во рамки на истрагата за кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување, како и малтретирање во вршење на службата, поведена против јавен обвинител.
Обвинителот, заедно со стручни соработници од ОЈО Штип, детално ги анализираше и документираше податоците внесени во уписниците, како и начинот на распределба на предметите. При увидот, се направи споредба со исказите на оштетените лица, кои тврдат дека имало неправилности и интервенции во распоредувањето на предметите.
Сите собрани докази се обезбедени во согласност со Законот за кривична постапка, а за извршениот увид ќе биде составен официјален записник со констатации за присутните лица. Истрагата продолжува, а обвинителството најави дека ќе ги преземе сите законски мерки за целосно расветлување на случајот.