Skip to main content
Македонија

Обвинителството повикува сите кои имаат сведоштва и докази за „Пулс“ да се пријават

29/04/2025  14:51

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и тимот обвинители кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ денеска се сретнаа со семејствата на жртвите и ги информираа за досегашниот тек на истражната постапка, информираше Јавното обвинителство.

– Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес, се вели во информацијата од ОЈО.

Во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат за целосно испитување на настанот, Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот “Пулс” – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.

Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата.

Пополнетиот формулар потребно е да се испрати електронски на следната наменска адреса: istragakochani@jorm.mk

Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим.